Синдром на Жртва

Сите етнички заедници во нашата земја се разликуваат меѓу себе во многу работи, како на пример јазик, вера, традиции и што уште не, но сите имаат една заедничка работа - сите сметаат дека тие се жртвите и дека другите се попривилегирани од нив. Јас ова би го нарекол Синдром на Жртва. 

Сега, да се разбереме, во некои работи и вистина е дека едните се попривилегирани од другите, но секако дека не во секоја работа. 
Без да генерализирам сега за ова во врска со гледањето на себеси како жртва, јас би сакал да се сконцентрирам на меѓуетничкото насилие кое ни се случува деновиве. 
Факт е дека од двете страни насилници си тепаат невини луѓе само затоа што припаѓаат на друга етничка припадност. За мене една од најголемите глупости што може човек да направи е да нападне невин човек од друга етничка припадност за да се одмазди оти луѓе од таа етничка припадност нападнале невин човек од неговата. Тоа те прави ист како и тие што прво нападнаа. Идентичен.

Секој ден, секоја ноќ ни се случува по некој инцидент. Некои претепале некој. Ова не ме чуди мене толку колку фактот што на крајот од денот, од двете страни се жалат како другите тепаат, малтретираат, како нивните да не прават ништо. Од двете страни на фејсбук и на сајтовите на националните телевизии по коментари се жалат до "кога ќе трпиме да не тепаат, малтретираат", "не треба да го дозволуваме ова", "го бараат они и ќе го добијат", ова, она...
 Ова не го прават само граѓаните. Истото го прават и националните телевизии. Одиш на Сител и Канал 5 и гледаш вести во кои за напаѓачите од Албанска националност чисто се потенцира дека се Албанци, за некои од Тетово дури и дека се членови на навивачката друга Балисти, а за напаѓачите од Македонска националност не се потенцира ни нивната националност. Одиш после на Алсат и таму го гледаш истото, само овој пат за тие од Македонска националност. Ставаат акцент на инцидентите по етничка припадност, а не по големина на инцидентот. Алсат се концентрира на инцидентите направени од Македонските насилници, Канал 5 и Сител за насилниците кои се етнички Албанци. Ова пак уште повеќе ги пали националистите од двете страни и уште повеќе ја вжештува ситуацијата во земјата. Исџтото го прават и повеќето невладини организации и политичарите, посебно од опозицијата. Бркајќи политички поени се концентрираат повеќе на инцидентите кои се против луѓето од нивната етничка припадност. 

Според мене, најголеми виновници за меѓуетничката нетрпеливост и насилие секогаш биле и ќе бидат политичарите и медиумите. Или барем се додека простата маса ќе ги земе сериозно работите што тие ги кажуват и пишуват. Луѓето во нашата земја меѓусебе, како комшии, секогаш добро се согласувале. Секогаш се почитувале и дружеле. Соживот во ова земја се може, само треба човек да мисли со ладна глава, а и да ги игнорира провокациите кои ги прават некои луѓе кои пред се не и мислат добро на народот што живее на овие простории. Да престанеме да изигруваме жртва, и да почнеме да се однесуваме како луѓе.

Posted in . Bookmark the permalink. RSS feed for this post.

Leave a Reply

Search

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.