Ја подржувам инивијативата на колегата блогер Филип Стојановски [Twitter] за подигање на споменик на Мухамед Али Јашари од страна на Град Скопје и општините Карпош и Центар. Момчето умре бранејќи го својот другар од друга националност од насилници.
Кога веќе се градат толку споменици, нека се гради некој кој стварно ќе не зближува. Херојството на ова момче само ни покажува дека ова не е борба на една етничка група против друга, на една религија против друга, туку е борба на тие кои мразат и не сакаат никој друг освен себеси, и нас кои љубиме, и сакаме да живеење заедно среќни во мир и чиста околина.
Еве го целиот текст за иницијативата
Барање за подигање споменик на храброто момче Мухамед Али Јашари,
до кандидатите за градоначалник на Град Скопје и општините Карпош и Центар
Ние, граѓаните, бараме кандидатите за градоначалник на град Скопје и општините Карпош и Центар, пред вториот круг на локалните избори, да ветат дека без разлика кој ќе победи, нивната локална самоуправа ќе подигне барем едно скромно спомен-обележје во општина Карпош кај ГУЦ и во центарот на Скопје со кое ќе се зачува споменот на човештината на ученикот Мухамед Али Јашари (1992-2011) кој го загуби животот бранејќи го својот другар од насилници.
Зачувувањето на споменот на реалниот подвиг на загинатото момче, кој беше игнориран при доделување на сите релевантни државни признанија за храброст и придонес кон заедницата, ќе придонесе за зголемување на единството меѓу сите луѓе кои живеат во денешно Скопје и општо, во Република Македонија. Така и на другите деца ќе им се даде светол пример на нивни врсник кој не подлегнал на националистичките пропаганди за етнички поделби.
Искажете поддршка за оваа иницијатива со тоа што ќе го споделите (share) овој статус, ќе го ископирате текстот на повикот на вашиот профил, веб-сајт или блог, ќе го твитнете или ретвитнете, или проширите јавно на било кој друг начин.
Ве повикувам и вас другите да ја подржувате ова иницијатива.