Archive for May 2013

Демохристијански Храм

Уште од кога ги купивме новите автобуси, вклучително и даблдекерите со кои, настрана тоа што викаат дека се дизајнирани од Кинезите специално само за нас, си глумиме Лондон, власта не тупи со апсурдности и се однесува како тоа да е нивна приватна сопственост. Не е.
Прво да објаснам неколку работи. 


ЈСП е јавно претпријатие кое работи со загуба секоја година, и функсионира со помош на субвенции од буџетот на нашата Република, то ест, со наши пари. Преку даноци кои ги плаќаме на државата сите ние, ја финансираме ЈСП, а и преку плаќање на карти, а некои додуша и на казни (тогаш кога контролорите парите не ги задржуваат за себе, се разбира).



Исто така, иако официално стои дека новите автобуси се купени од Владата и Министерството за транспорт и врски, нека ви е јасно дека тоа не е така. Како прво, Владата на Република Македонија не донира ништо, туку си менаџира со парите на граѓаните на Републиката, кои се собрани во буџетот. Владата, то ест, тие што се на власт не извадиле пари директно од нивен џеб за да ги купат автобусите и донираат на ЈСП. Не викам дека автобусите не се нивни оти и тие си плаќаат даноци (кој како, нели). И нивни се, но и наши. Заеднички. Во блогот ВоланСкопје прочитајте повеќе за Владините ‘донации‘. Сепак, они нашите заеднички сопствености ги сметаат само за свои, па си ставија налепници на секој автобус Донација од Владата на Република Македонија па после од големите реакции, меѓу другото и од опозицијата (Нова Македонија) ги тргнаа.

Автобус со налепница "Донација од Владата на Република Македонија"

Но власта не запре тука.  Владеачката партија, то ест, ДПМНЕ, откако само неговите членови и приврзаници ги распореди да ги возат новите автобуси, сега веќе изгледа им има дадено право да си прават што си сакаат со автобусите, оти као демек нивни се. 


Вчера се возев со 50тка да одам на протестот против новиот предлог-закон за абортусот, за кој лажат дека е ист како стариот, и со кој се лимитира правото на жената да абортира. 
И го видов ова –

Кабината на автобус кој вози на релација број 50

Кабината и вратата на автобус кој вози на релација број 50

Јавниот превоз би требало да е за сите, а автобусите се наша сопственост, не персонална на возачите, ниту пак на ДПМНЕ. Додуша, ни на МПЦ или Мајка Богородица. 


Зошто во Македонијам, која е мултинационална, мултирелигиска, и многупартиска држава, кабините на возачите на автобусите од јавниот превоз се полни со свети Богородици, крстови, знамиња, и уште пострашно, логоа на една партија – владеачката? 

Зошто автобусите се претворени во демохристијански храмови? 


Зошто воопшто да има религиски, национални и партиски обележја во автобусите? 


Глумиме религиозност, глумиме патриотизам, (не и партиска припадност и слепо верување во партијата со лавчето, на територија каде никогаш немало лавови)...да глумевме професионалност понекогаш, не би било лошо. Ама можеби јас барам премногу.

1 Comment

Search

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.