Сексизам, новинарстФо и бизнис логика

Не читам Вечер. Има некои кои го читаат, иако таа бројка не е голема. Како што еднаш Роберто Беличанец рече во една работилница против говор на омраза, дури и Влатко Васиљ е повеќе читан од тој весник. Ама сепак некои, ги има. Мажи и жени, кои сепак се информираат од овој весник. Јас на нивниот сајт отидов да ја прочитам најновата колумна на Миленко Неделковски – Африм, каде он спружил 10 неистомисленици и ги навредил баш во негов стил. Некои не ги знам по име, а тие кои ги знам, баш заслужуваат да бидат на таа листа, оти се токму спротивното од Африм. Разумни, интелигентни, принципиелни. 

Како и да е, да се вратиме кај Вечер пак. Јас сум приметил дека они имаат една рубрика (ваљда може да се нарече така) во која презентираат изјава на денот. Не знам дали дневно го прават тоа стварно, ама барем така пишува. 

Така се вика таа рубрика, Изјава на денот. Изгледа и изјавите на денот, како и сликите од насловната на весникот ги бира еден ист хомофобичен и сексистички новинар, или пак имаат уште еден посебно вработен за изјавите, но сепак со ист карактер како и тој за насловните слики. Секако, тоа се прифаќа или бара од самите уредници. 

Како денешна изјава на денот (18ти април) ставиле изјава од Стирлинг Мос кој е поранешен британски автомобилски ас. Тој изјавил, и цитирам, “Жените немаат "ментални квалификации" за да се тркаат во Формула 1.” 

Интересно е колку синхронизирано работаат провладините медиуми со власта. Нашата министерка за културка ќе дава наши пари на уметници за правење песни за трето дете, морални (партиски, се разбира) вредности и други глупости (НоваТВ), а Вечер како изјава на денот ни го презентираат тоа. Затоа што, се разбира, жените не треба да работат нешто. Тие треба да бидат дома и да служат како машини за продуцирање и растење деца, а и готвење и чистење по дома исто така. Страшно. 

Истото го направија и во случајот кога без реална причина (настрана таа за тргање на вниманието од економското тонење на државата) министерот за труд и социјала излезе и се противеше на хомосексуални бракови и нивно посвоење на деца. Тогаш Вечер на насловна ставија слика која изгледаше како почеток на некое чудно геј порно. Сигурно му требало многу време да истражува по такви сајтови на вработениот во Вечер за да ја најде таа слика. Исто така, баш во Вечер беа ставени слики на три новинари за кои се тврдеше дека се геј, и имаше повик до граѓаните и оние да ја надградуваат листата. На ова реагираше и Хелшинскиот Комитет (.pdf). По кои критериуми тие одредуваат кој е геј без сам да го тврди тоа, не е познато.
Но нешто друго ми е многу интересно. Гледав кој се се рекламира кај нив, и јасно ми е какви се рекетирања и притисоци претрпуваат фирмите кај нас, но сепак морам да ја коментирам листата малку. 

Прва е туристичката агенција Фалкон. Пола од таргет групата, ако не и повеќе, на овие им се жените а се рекламираат на еден ваков сајт. Која е таа бизнис логика, ни малку не ми е јасно. Додуша овие се контрапродуктивни во кампањата на мешање во приватниот живот на брачните парови, то ест, таа за трето дете, од страна на власта. Овие на паровите безплатно им овозможуваат да носат со себе само два деца. 

После на листа е киното Синеплекс. Кино кое се наоѓа во Сити Мол, менаџментот на кој побараа од фирма во тој трговски центар да ги отпушти сите работници од ромска националност. Не знам дали бојкотот кој го почнаа група граѓани и невладини организации баш поради овој случај сеуште трае, но јас персонално сеуште бојкотирам. 

После на листата е еден универзитет. Настрана самиот факт дека е универзитет што само по себе треба да значи дека се работи за интелектуалци, името им е Европски. Да е уште трагикомична ситуацијата не само за универзитетот, а и за македонското образование генерално, проф. Док. Латас предава таму. Он е исто така (одговорен) уредник на весникот. 
Да не идам баш по ред сега,  има три фармацевски компании кои се рекламираат. РеплекФарм, Алкалоид и Зегин. Не сум сигурен дали стварно сите произведуваат или само продаваат, но во секој случај мислам дека нивните генерални директори треба да се лечат ако на вакви сајтови се рекламираат. 

Исто така и две банки се рекламираат на сајтот на Вечер. ТТК и Шпаркасе Банка. Не ми е јасно зошто би го направиле тоа, ама пак, јас не ги знам сопствениците на сите овие што се рекламираат. Можеби се работи за бизнис, а можеби и такви се самите тие. 

Една од најироничните реклами ми е таа од Европската Очна Болница. Дали менаџерите и сопствениците на ова болница не можат да гледат во какви сајтови се рекламираат? Или пак проблемот не е баш во очите. Не баш во тоа со што гледаат, туку како гледаат. Свеста. 

Силуете и Брилијант ми се најтрагикомични. Генерално, нивни муштерии се жени, а овие се рекламираат во сајт кој промовира сексистички изјави и политики. Штета што бојкотот на продукти и компании кои дискриминираат и омаловажуваат не се користи масовно. 

Некоја си фирма Модул Пласт се рекламира исто така. Се занимавале со производство и/или продажба на прозори и врати. Изгледа менаџерите се затвориле во нивните куќи, добро изолирани од општеството и без интернет, па не гледаат каде трошат пари. 

На крајот да спомнам дека таму исто така се рекламира и Сител телевизија. За нив барем ми е јасно. Пола од уредниците таму се уредници и кај Вечер. 

Најтажното од сето ова е што Вечер и таквите медиуми земаат пари од буџетот, мои пари, и со нив репресираат, промовираат вакви дискриминаторски политики и ‘вредности‘, хомофобија, сексизам, говор на омраза и што уште не.

1 Comment

Барање до Град Скопје и општините Карпош и Центар за подигање споменик на Мухамед Али Јашари

Ја подржувам инивијативата на колегата блогер Филип Стојановски [Twitter] за подигање на споменик на Мухамед Али Јашари од страна на Град Скопје и општините Карпош и Центар. Момчето умре бранејќи го својот другар од друга националност од насилници. 

Кога веќе се градат толку споменици, нека се гради некој кој стварно ќе не зближува. Херојството на ова момче само ни покажува дека ова не е борба на една етничка група против друга, на една религија против друга, туку е борба на тие кои мразат и не сакаат никој друг освен себеси, и нас кои љубиме, и сакаме да живеење заедно среќни во мир и чиста околина. 

Еве го целиот текст за иницијативата
Барање за подигање споменик на храброто момче Мухамед Али Јашари,
до кандидатите за градоначалник на Град Скопје и општините Карпош и Центар

Ние, граѓаните, бараме кандидатите за градоначалник на град Скопје и општините Карпош и Центар, пред вториот круг на локалните избори, да ветат дека без разлика кој ќе победи, нивната локална самоуправа ќе подигне барем едно скромно спомен-обележје во општина Карпош кај ГУЦ и во центарот на Скопје со кое ќе се зачува споменот на човештината на ученикот Мухамед Али Јашари (1992-2011) кој го загуби животот бранејќи го својот другар од насилници.

Зачувувањето на споменот на реалниот подвиг на загинатото момче, кој беше игнориран при доделување на сите релевантни државни признанија за храброст и придонес кон заедницата, ќе придонесе за зголемување на единството меѓу сите луѓе кои живеат во денешно Скопје и општо, во Република Македонија. Така и на другите деца ќе им се даде светол пример на нивни врсник кој не подлегнал на националистичките пропаганди за етнички поделби.

Искажете поддршка за оваа иницијатива со тоа што ќе го споделите (share) овој статус, ќе го ископирате текстот на повикот на вашиот профил, веб-сајт или блог, ќе го твитнете или ретвитнете, или проширите јавно на било кој друг начин.
Ве повикувам и вас другите да ја подржувате ова иницијатива. 


Leave a comment

Неморален и непринципиелен молк пред неправда



Ова го постирам за секој граѓанин на Македонија. 

Ова го постирам за сите тие кои викаат дека не ги интересира политика, и дека само сакаат да си го живеат нивниот живот, и што со тоа се гордеат. 

За сите тие ‘неутралци‘ кои се плашат да кажат вистински став и да застанат на страната на правдата без разлика кој ќе биде тој на спротивната страна. За истите тие за кои да се биде неутрален значи да се плука по двете страни одеднаш и цело време, за да се релативизира работата и да не морат да дојдат до ситуација да кажат дека тоа што едната страна го прави е неправедно, недемократско, опресивно. За кои иако владеачката партија е таа која е во контрола, која е одговорна, не треба да се критикува директно оти тоа би изгледало како да тие би зазеле страна. 

Ова исто така го постирам за сите симпатизери и членови на владеачката партија, кои снимките од случувањата пред и во собранитето на нашата земја ги гледат со ентузијазам, среќа, мисла дека тоа што го прават неговите е правилното нешто да се прави и дека другата страна се една група демони, предавници и што уште не. Баш за тие истите кои ги гледат видеата од по 6 секунди од партизираната полиција на кои не може скоро ништо да се констатира со сигурност, и ги сметат за вистинската слика за настаните. 

Ова го постирам и за овој чичко
Протестант од Фронтот на ‘Народот‘

кој така сликовито им кажа што да јадат (или пушат) на тие кои излезоа на улица на протест а имаа различен став од тој на неговиот лидер.  

Ова исто така го постирам и за сите кукавици (меѓу кои има многу од горенаведените). Моралните кукавици. Непринципиелните кукавици. Луѓето без рбет.

Ќе завршам со овој цитат кој кажува многу за стравот и сета ова слепа доверба во авторитетот, а и неутралноста која во случајеви на неправда значи соучество. 

"Most people prefer to believe that their leaders are just and fair, even in the face of evidence to the contrary, because once a citizen acknowledges that the government under which he lives is lying and corrupt, the citizen has to choose what he or she will do about it. To take action in the face of corrupt government entails risks of harm to life and loved ones. To choose to do nothing is to surrender one's self-image of standing for principles. Most people do not have the courage to face that choice. Hence, most propaganda is not designed to fool the critical thinker but only to give moral cowards an excuse not to think at all." - Michael Rivero

Leave a comment

Потреба за гласни одговори на потсвесни прашања

Би сакал да го почнам овој блог-пост со еден цитат. Во цитатот се вели "And when our media is corrupt. When our academics are timid. When our history is filled with half truths and lies. Our civilization will never be just. (На Македонски: И кога нашите медиуми се корумпирани. Кога нашите академици се плашливци. Кога нашата историја е полна со полувистини и лаги. Нашата цивилизација никогаш нема да биде праведна. ). Ова го кажа Џулиан Асанж, основачот на Викиликс во неговото обраќање на јавноста од Еквадорската Амбасада во Лондон каде престојува веќе шест (6) месеци. Размислете малку за цитатов.

Јас нема многу да зборам за тоа колку е оправдано и морално тоа што он го прави со објавување на тие информации и можеби со тоа и загрозување на животи на луѓе насекаде низ светот, иако верувам дека да тоа што го прави е добро, и дека сите ние имаме право да ја знаеме вистината и да бидеме добро информирани оти како што пишувал авторот на серијата “The Newsroom”, Арон Соркин, а што го кажа актерот Џеф Дениелс играјќи ја главната улога, презентерот на вестите Вил Макавој, "There's nothing more important in a democracy than a well-informed electorate," (на Македонски: Нема ништо поважно во една демократија од добро информиран електорат).

Тоа што јас сакам да направам овде е да ви поставам неколку прашања (реторички или не) за да ви кажам што мене ми се моткаше низ главата кога го прочитав цитатот, и на што се ме потсеќаше тој поврзано со нашето општество.

Ви звучи ли и на вас толку познато тоа што беше спомнато во цитатот? Ви звучи ли целиот цитат како да го опише баш нашето општество? Баш нашата чудесна земја?

Во врска со корумпираните медиуми, ве тера ли да мислите на сопствениците на двете најголеми национални телевизии, то ест на Сител и Канал5, кои се во владината колалиција? За различни Африми, Буреци и Банички, Латаси, Мирки? За порталите кои си праваат слики од собири час пред да почнат и да ги објават после тврдејќи дека излезаноста била многу мала? За истите портали кои бараат слики од граѓани кои протестираат или се дел од инивијативи и нивна поврзаност со политички партии само за да можат да им лепат етикети и да се дискредитираат а со тоа и да и ја вметнат на народот идејата дека ако си член или симпазитер на некоја политичка партија, немаш право да протестираш, без разлика дали тоа за што се протестира и тебе т засега не само индиректно туку и директно, како што е случајот со протестите на АМАН (купување бензин, плаќање за греење итн)? На фотошопирани слики како случајот со пратеникот на СДСМ кој на некои медиуми на слика се гледаше со листови на крената рака, а на други со среден прст кренат високо горе?

Дали кога го прочитавте делот со плашливите академици одма се сетивте ли на Претседателот на нашата земја, кој е воедно и професор по Демократија кој се однесува како обичен партиски војник? На инспекторите кои на канцалариите на окупираната А1 телевизија не се осмелуваа да кажат ништо освен ‘немам коментар‘ од страв и во недостиг на наредби за тоа како точно ќе се одигра тоа пред јавноста? На тие универзитетски професори кои излегуваат пред јавноста само да читат изјави кои свучат како да се напишани во седиштето на владеачката партија, и кои ја бранат власта и кога владината позиција е неразумна и нелогична? На уметниците кои излегуваат пред камери и прават претстави во протест против опозицијата? А исто така и на студентите, кои би требало да се столбот на општестово, тие кои се на пат да станат интелектуалци но кои се инструментализирани како гранка од младините на политичките партии?

Делот за полувистините и лагите на историјата ве потсетија ли на проектот Скопје 2014? На градот кој треба да биде метропола на Балканот но кој е претворен на една комбинација од цикуз и зоолошка градина? На сите споменици? На сите барокни фасади на згради на владата, министерствата, судовите, катните гаражи? На Тодор Александров кој историјата до вчера го сметаше за Бугарски шпиун и убиец на најголемите Македонски херои, кој доби улица со негово име во главниот град на Македонија?

Последниот дел, то ест делот за фактот што никогаш нема да станеме праведна цивилизација, ве тера ли да мислите за (не)владеењето на правото во Република Македонија? За Германскиот државјанин Калид Ел Масри кој беше киднапиран со помош на нашата полиција, тортуриран и изнесен надвор од земјата од ЦИА, за која нашата земја беше осудена и мора сега да плаќа 60.000 евра казна? За спектакуларните апсења и јавното обележување и понижување на осомничените? За (не)презумцијата на невиност?

Навистина живееме во една чудесна земја, состојбата на која може да се прочита индиректно во сите критички текстови напишани за другите земји. Како да сме една комбинација од најлошото во сите други (декларативно) демократски земји.

Leave a comment

Цензура за репутација

Со новиот предлог-закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета изгледа владата ни кажува дека за неа, а со тоа и за нас, поважно е да не се руши репутацијата на луѓето одшто да имаме право да се изразиме слободно.

За да се запознаете детално со овој предлог-закон, читајте ја статијата Македонија: Опасност од цензура преку новиот закон за навреда и клевета на Метаморфозиз и Анализата на Предлог-Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета од стана на Центарот за развој на медиуми.

Доколку овој предлог-закон ќе се изгласа, јавните дебати на интернет стануваат минато, или подобро кажано дебатите кои се прават на сајтови кои се регистрирани во Република Македонија. Што се однесува до тие дебати кои се прават во сајтови кои се регистрирано во странство, пристапот до нив може да биде ограничен, или потполно блокиран.

Со ова се крши Уставот на нашата држава.
Во Уставот на Република Македонија, во Член 16 пишува:

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.
За мене како блогер ова значи дека јас морам да внимавам што пишувам да не навредам или клеветам некого, тоест да не пишувам тоа што мислам оти некој тоа може да го смета како навреда, а исто така морам или да ја блокирам опцијата за коментирање на мојот блог, или 24/7 да седам пред компјутер и да ги модерирам коментарите за да не постира некој навредувачки коментари или да постира некој линк кој носи до некој сајт со навредувачки материјали.
Подобро кажано, јас морам да одберам дали персонално ќе се цензурирам себеси и другите, или ќе ја блокирам опцијата за коментирање и со тоа само себеси ќе се цензурирам. За другите ќе се погрижи Блоггер.

Јас ја подржувам иницијативата на SkopjeHackLab да:

1. Им пишеме на прaтениците во собранието на РМ. Да Побараме од нив да гласаат против законот.
2. Приклучиме нашите страни во акцијата за затемнување на македонскиот Интернет со додавање на едноставната скрипта. Второто читање на законот е во вторник на 09.10.2012 година. Да го поставиме кодот во нашите страни во 00.00 часот истиот ден и да го оставиме така барем 24 часа.
Скприптата можете да ја најдете тука.
Исто така јас сакам да спомнам дека не може човек да навреди друг човек. Навреда не е нешто што се дава, туку таа зе зема. Тоа што некој може да го смета како навреда, друг може да го смета само како обичен коментар или дури и комплимент. Поради овој факт, можеби треба да има закон против навреди и клевети, но дефинитивно не ваков кој цензурира само за да не се "руши" репутацијата на одредени луѓе. Викам одредени луѓе затоа што како и сите други закони во Македонија, и овој најверојатно ќе биде спроведувам само кога тоа ќе и оди во прилог на власта и тие блиски до неа. Иначе, исто како и законот за следење на комуникации, најверојатно и опозицијата ќе го гласа овој предлог-закон затоа што кога се во прашање слободите на народот, сеедно е кој е на власт. Тие се здружуваат да го репресират народот.



1 Comment

Славејќи со Африм во кумановски рибник

Кога би се доделила награда за најголем патриот (националист) во Македонија (а треба, пинг Златна Бубамара), тоа награда секоја година би требало да оди кај Миленко Неделковски - Африм. Ама, да се разбереме, човекот ја заслужува наградата само една година во времето на комунизмот кога беше суспендирам заради тоа што како коментатор навиваше за македонската гордост - фудбалсксиот клуб Вардар, и сите години откога ВМРО ДПМНЕ со Никола Груевски како нејзин претседател влезе у власт. Башка, денеска е роденден на нашиот премиер, па ја искористувам шансата да му го честитам роденденот, и исто како и Инес Ефремова, и јас да му пожелувам што побрзо враќање во боксерската кариера. 

Да се вратиме кај патриотот Африм. Во времето кога имаше емисија (тоа што го има сега е владин прес-центар и телескоп за гледање во минатото) секоја недела го следев. За тогаш можам да кажам дека нудеше нешто уникатно и интересно што вредеше да се следи. После некое време дури и станав член на неговиот форум каде бев активен едно две-три години и запознав многу прекрасни луѓе. Во форумот, иако бев единствениот активен етнички Албанец, сите се однесуваа многу коректно, вклучувајќи го и Африм. Имаше обострана почит, иако понеекогаш имаше по некој испад од понекој член, влучувајки го и Африм како случајот кога објаснуваше зошто некои етнички Македонци кодошеле а за Албанците викаше затоа што им е во крвта, иако имаше повеќе Македонски отшто Албански кодоши. 

Како и да е, патриотот Африм одлучи да си ја слави првата годишнина на неговиот форум и одлучи тоа да биде во некој рибник во Куманово. Откако неколку членови ме поканија, вклучувајќи го и Африм ако не се лажам, одлучив да си одам и јас. 

Интересноо зарем не? Патриотот што се фалеше дека никогаш немал Албанец во емисија за годишнината на неговиот форум поканил и Албанец за да слави со него. 

Дојде денот, и се договоривме да се сретнеме кај бензинската пумпа на влезот во Куманово од Скопје и од таму сите да си одиме заедно до рибникот. Арно ама, некој требаше да иде со Африм во кола пошто само таму имаше слободно место. Африм самоволно ме покани мене да одам со него, а не некој Македонец. 

Додека одевме накај рибникот само ние двајца у кола, иако ми беше чудно да се возам со него, успеавме да си праиме малку муабет. Ми кажа како Бучковски за да го отргне вниманието на јавноста од некојси проблем одлучил да уапси некои видни невини луѓе влучувајќи го и него. Исто така јас побарав од него да направи емисија за убиството на Трајковски за што ми рече дека се обидува но не може да најде гости оти се плашат луѓето. Но тоа не беше најинтересната тема за која зборувавме. 
Откако јас му кажав за затворењето на мојот омилен клуб, почнавме да зборуваме и за ФК Вардар - клубот за кој дури и беше суспендиран од работа. 
Пошто се шпекулираше дека некој Албанец би можел да го купи клубот, зборевме малку и за таа можност. Тогаш патриотот Африм ми рече дека он нема ништо против тоа да ФК Вардар биде купен од Албанец, од тоа ФК Вардар да има газда Албанец. 
Ме чудеше ставот дури и тогаш, а со секој негов националистички испад се повеќе се чудам од тој став. Рече дека сепак треба да помине една генерација (спомна 20 години) да се смират страстите од конфликтот, но дека нему не му пречи.

Се сеќавам и како Африм и еден друг и драг човек со кого веќе не сум во контакт го викаа келнерот да ми каже од која страна можам да јадам од месото пошто на едната имаше свинско, а на другата говедско месо пошто јас нели не јадам свинско. Таму на некои членови им даде некои посебни признанија, и на сите по еден медал. Медалот сеуште го чувам дома!

Не се вратив со него од рибникот оти јас отидов порано, но на крај ми даде една прегратка Африм. Добро беше чуството, само како ли се чусвувал он прегнувајќи го воздухот пошто нели како што дознав подоцна, тој мене (албанците) ги множи со нула, а тоа значи дека јас не постојам. Исто така тој сам дојде од Скопје во Куманово, а оти сакал и до рибникот да оди сам, и да си зборува сам со себе, ме зел мене со себе. 

Стварно се мислев за ова да пишувам веќе некое време но просто не сакав. Пред да стане ДПМНЕ-вски војник, он имаше солидна емисија и добро се однесуваше со мене. Сега се гордее што морам (морат сите Албанци) да зборувам со него на Македонски, мисли дека сум од племе, ме множи со нула... Го уништи партијата и таа пуста судска пресуда од која го спасија ебаго. А баш ми беше ок како човек. 


Leave a comment

Назад, марш!

Не е лесно да се живее во Македонија. Стварно. И не мислам само од економски аспект. Тоа веќе се знае, туку мислам од аспект на тоа како не бомбардираат со празни ветувања, лаги и манипулации, крајно апсурдни оправдувања а и чисти глупости. 

Да го напишам овој текст бев инспириран од реакцијата на владеачката партија на прес конференцијата на ЛДП на која претседателот на младината на ЛДП зборуваше за тоа како власта наместо да купи мерцедес скап 600.000 евра би можела на сите студенти во Скопје да им овозможи безплатен превоз за три години. На ова, ВМРО-ДПМНЕ само не потсети дека ЛДП ја имаа таа можност на било која категорија на граѓани да им овозможи безплатен превоз и исто така не потсетија дека го обновија возниот парк на Јавното собраќајно претпријатије и дека на времето се возевме со автобуси од минатиот век, изгледа заборавајќи на фактот дека некои од тие автобуси сеуште се користат. 

Во ова реакција тоа што мене ми пречи е фактот што за се зборуваа освен за мерцедесот. Не се ни потрудија да ни објаснат зошто стварно е потребна таа нова блиндирана кола туку само зборуваа за минатото кога градоначалник на Скопје бил некој од ЛДП. 

И колку да се спомне, единствената причина за која на пензионерите (луѓе со приходи!) по два дена на неделата им е овозможено безплатен превоз а на студентите (луѓе без приходи!) не, е затоа што за да излезат стари луѓе да гласат за тебе, треба сепак нешто да им дадеш, а студентите само со малку национализам ќе ги попалиш доволно не само да гласат туку дури и да лепат плакати за тебе и што уште не. 

Јас знам дека во минатото работите биле за нигде, но и сега се. Не ме интересира за минатото туку за сегашноста и иднината, и морам да кажам дека ниедната не изгледа добро. 

Во последните 10 години, врз ниту еден министер, премиер или претседател немало обид или е извршен атентат во кола. Додуша, освен врз Кире Глигоров можеме да кажеме од осамостојување на Македонија не се случило тоа.  Многу е апсурдно тоа што од една страна владата донесува нови анти-кризни мерки, а од друга одлучува да потроши 600.000 евра на кола за која нема некоја голема потреба. 

За проектот “Скопје 2014” подобро да не ни почнам. Безпотребното трошење пари во тој проект е само уште еден доказ колку генерално како нација сме толку изгубени што можеме било што да прифатиме ако ни се “презентира во патриотски дух.”

Иначе, колку да се разбереме, ниту сум симпатизер на некоја партија, нику пак гласам на избори. Ова е уште еден голем проблем во Македонија. Луѓето ако не се на страната на власта морат тогаш да се на страната на опозициските партии. Тоа сигурно дека не е така.
Власта мора да свати дека луѓето ги гласале за да работат за доброто на граѓаните и дека ќе бидат критикувани пошто тие се во позиција да прават промени, а не опозициските партии. 

Posted in | Leave a comment

Search

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.