Archive for January 2014

Несоциална држава

Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. “– oва го пишува во Уставот на нашата си мила земја. Без да навлегувам во другите делови, засега сакам да се сконцентрирам само на делот „социјална држава“. 

Секој трет е сиромашен кај нас, а секој втор е на работ на сиромаштија. И трендот се зголемува секоја година, настрана бришењето на невработените за да фиктивно ја смалат стапката на невработеност. Се декларираме како социјална држава, а социјалното ако земаш повеќе од три години, те остава да живееш со по 21 денари на ден, а згора на тоа, мораш да плаќаш сметки за струја, вода...инаку ќе ти праќаат извршители. Живееме во држава во која, како по социјален договор, 450 000 луѓе ја напуштиле земјата. Во Македонија, до толку општеството е стратифицирано што највисоката месечна плата на еден граѓанин била 92.000 евра, додека минималната плата, на која значителен дел од вработените работат (може и помалку, а може и декларативно повеќе добиваат, но им ги враќат на газдите на рака, што се практикува кај нас, но нема кој да го истражува тоа) за 8.050 денари

Што прво треба да прави еден вработен со две или три деца (по политиките на владата, нели) и невработена жена со толку приходи? Дали да плати сметки за да има струја, вода? Децата бараат и да јадат, па треба и храна да се купува. Ефтина и неквалитетна, ама и таа кошта. А тука е и образованието на тие деца. Не е само да се родат и готово. Добро викаше Џорџ Карлин, конзервативците (во нашиот контекст, власта) се грижат за фетусот се’ додека не се роди. Откако ќе се роди, не им паѓа на памет веќе за роденото бебе. И облека мора да се купува понекогаш, а и најстрашното – одењето на доктор, што заедно со третманот што ти го даваат вработените, е трауматично искуство кое совесен човек на никој не би му го посакал. 

За тоа дали сме суверени, баш и не знам, а за тоа колку сме самостојни (со оглед на сите тие кредити кои ги земаме за да даваме плати на администрацијата и исплаќаме пензии, а додуша и купување гласови за избори), а и за тоа колку сме слободни (со оглед на сите политички апсења, контрола врз медиумите и судството), ќе пишувам некој друг пат.

Leave a comment

Општество какво што заслужуваме



Не верувам дека има некој кој навистина е задоволен од тоа какво ни е општеството. Дури и власта реално, посакува промени. И тука имаме еден голем проблем. 

Знаете, општествената свест е нешто во кое имаме удел сите ние. Тоа е некој вид на простор на идеи, принципи, вредности, права, слободи, кои се натпреваруваат, многу од нив и си импонираат едни на други. Стефан Хасел во неговата книга „Бунете се“ вика „должни сме сите да бдееме нашето општество да остане општество со кое ние ќе се гордееме.“ 

Разликата за тоа што го напишал Хасел, во нашиот контекст, стои во тоа дека ние не сакаме вакво општество. Јас не сакам вакво општество. Јас сакам општество во кое сите ќе уживаме исти права, општество во кое сите ќе ги имаме истите можности. Сакам општество во кое наместо да се мразиме едни со други-ќе се сакаме. Сакам општество во кое на никој не му е мило да се чувствува привилегиран, додека гледа другите како страдаат. Не сакам општество во кое за да се вработиш, без разлика што им носиш ЦВ со завршен факултет, неколку школи од фондации и невладини организации, многу обуки, тренинзи, работилници, ќе биде вработен друг кој е далеку помалку квалификуван од тебе, но којшто лепел плакати, одел по митинзи, и има партиска книшка. Не сакам ни општество во кое пензионерите ќе се возат бесплатно во јавниот превоз, во кое можат да скијаат бесплатно, кои инаку се луѓе со примања, а студентите да мораат да плаќаат над илјада денари месечно за да одат на факултет со автобус, за скијање да не зборувам, ако родителите не можат да им дадат пари за тоа. Не сакам општество во кое парцела во центарот на главниот град чини 72 денари по м2, а киријата месечно да кошта колку негде 75% од минималната плата во државата. Не сакам општество како нашево. 

А лесно е да кажеме дека тоа е така оти државата го прави, но општеството не се буни против тоа. Хасел е во право за должноста.  Само што во нашиот контекст, бдеењето мора да се претвори во борба, но не за зачувување на мизерното статус-кво со насока кон влошување, туку за позитивна промена која многу ни е потребна. Е дури тогаш ќе можеме да се чувствуваме горди, ако не од тоа какво ни е општеството, барем за тоа дека се трудиме да стане како што заслужуваме – просперитетно, праведно, слободно.

Leave a comment

Search

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.