Морбидноста на ваквото менаџирање кризи



Секој што е малку настроен кон критичко мислење знае дека кај нас владее некоја форма на репресивен режим. И како и секој друг таков режим, се користи со пропагандни техники, посебно кога се работи за кризи кои можат да им коштаат или со рејтинг, или парично (да сме на јасно, секако дека тоа би биле буџетски (наши) пари но на репресивен режим буџетските пари им се како сопствени пари кои внимателно ги “инвестираат“ за продолжување на нивното владеење.)

Режимот на оваа власт, поврзано баш со тие буџетски пари, нуди лажни решенија на сите општествени проблеми и девијации преку казни. Најчесто, тие казни се превисоки за мизерниот стандард кој го имаме ние. Иако пратеникот на ДПМНЕ Александар Николоски, кој иначе е пратеник од кога има 22 години, вели дека иако имал шанса да ја напушти Македонија но не сакал, и дека со 100 тука можете да направите доста нешта но го Германија можете вечера да купите, со 100 тешко дека можете да покриете една казна само. Но фаличната логика пратеникот настрана, битно е да се спомне дека казните освен што го полнат буџетот – кој проблем на владата – не решаваат никаков проблем.
Има многу да се пишува на темата за казните, но да се префрлам на главната причина за блог-постов. Иако има многу казни за регулирање на собраќајот, кои с’ почесто се изрекуваат, се’ полошо и полошо станува. Патиштата се катастрофа, казните се драконски и селективно изречени, правилата не се почитуваат посебно од тие што имаат по некој човек “внатре“. Голем луксуз е да поминеш на пешачки без да се плашиш дека ќе ти свирне некоја будала и ќе те пцуе, без да се плашиш дека ќе те згази некој кој има “некоја работа“ па се брза.

Вечерва се случи уште една несреќа. 16 годишно момче беше удрено со џип во близина на Католичката црква во Скопје. Замислете, 16 годишникот летнал 15 метри од од колата која го удрила поради силината на ударот. Неофицијално, објавија Либертас, момчето бил на пешачки.
Болно е и да се мисли на тоа човек.

И секако, во репресивен режим, каде вистинските проблеми ретко се решаваат, наместо да се справуваат со секојдневното умирање на луѓето од собраќајни несреќи, вечерва беа активирани одредени техники на менаџирање на кризи. Имено, најголемата владеачка партија има под своја контрола доста медиуми кои ние ги знаеме, но исто така има и одредени фан страници под своја контрола – што често и не е баш лесно да се примети. Пример за ова е страницата Ова е Македонија. Страницата има над 74 илјади лајкови. И знаете со што се занимава Ова е Македонија? Типично за Македонија, - се занимава со вести кои и’ ги снабдува медиум на режимот. Во случајов тоа е Курир.

Со оглед на тоа дека страницава постира се’ што е објавено на Курир, постирана беше и веста за починатото (подобро кажано убиеното) момче. Но после тоа, страницата се префрли во неговата друга улога – менаџирање на криза. Оти не смее режимот да дозволи луѓето да мислат дека во Македонија се случуваат многу често многу собраќајки и умираат многу луѓе. Затоа, на страницата се појавија две други постови да и парираат на таа едната за момчето.
Првата гласи “БМВ со 200 км/ч се заби во такси, пет лица загинаа (ФОТО+ВИДЕО)“ а иначе била објавена во Курир на 8ми месецов. Другата е насловена “ТРАГЕДИЈА: Загинаа мајка и две деца, таткото се бори за живот (ФОТО)“ а била оригинално објавена во Кирир на 3ти месецов. Првата е случај што се случило во Москва, а втората се случоло во Хрватска.

Начинот на кој се насловени овие две објави е многу намерен, а уште понамерен е нивното реобјавување на страницата. Дури и ако гледаме на распоредот како се објавени ќе разбереме дека луѓето почнале да копаат наназад за овие вести, прво наоѓајќи ја таа од 8ми, па после таа од 3ти. И тоа се’ со една цел, - Да кликнат читателит кои имаат прочитано за смрта на момчето, и да видат дека па кај нас не е толку лошо – во Москва дури 5 умреле во собраќајка, во Хрватска се случило трагедија во која загубиле живот мајка и две деца, а најверојатно и таткото ќе умре.

Можеби ви се чини дека претерано и погрешно поврзување правам, но таква е пропопагандата. Суптилна. А патиме ли си патиме од когнитивна дисонанца.

Ама тоа е.  И тоа е тоа менаџирање на кризи. На најдолен начин.
 

Leave a comment

Несоциална држава

Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. “– oва го пишува во Уставот на нашата си мила земја. Без да навлегувам во другите делови, засега сакам да се сконцентрирам само на делот „социјална држава“. 

Секој трет е сиромашен кај нас, а секој втор е на работ на сиромаштија. И трендот се зголемува секоја година, настрана бришењето на невработените за да фиктивно ја смалат стапката на невработеност. Се декларираме како социјална држава, а социјалното ако земаш повеќе од три години, те остава да живееш со по 21 денари на ден, а згора на тоа, мораш да плаќаш сметки за струја, вода...инаку ќе ти праќаат извршители. Живееме во држава во која, како по социјален договор, 450 000 луѓе ја напуштиле земјата. Во Македонија, до толку општеството е стратифицирано што највисоката месечна плата на еден граѓанин била 92.000 евра, додека минималната плата, на која значителен дел од вработените работат (може и помалку, а може и декларативно повеќе добиваат, но им ги враќат на газдите на рака, што се практикува кај нас, но нема кој да го истражува тоа) за 8.050 денари

Што прво треба да прави еден вработен со две или три деца (по политиките на владата, нели) и невработена жена со толку приходи? Дали да плати сметки за да има струја, вода? Децата бараат и да јадат, па треба и храна да се купува. Ефтина и неквалитетна, ама и таа кошта. А тука е и образованието на тие деца. Не е само да се родат и готово. Добро викаше Џорџ Карлин, конзервативците (во нашиот контекст, власта) се грижат за фетусот се’ додека не се роди. Откако ќе се роди, не им паѓа на памет веќе за роденото бебе. И облека мора да се купува понекогаш, а и најстрашното – одењето на доктор, што заедно со третманот што ти го даваат вработените, е трауматично искуство кое совесен човек на никој не би му го посакал. 

За тоа дали сме суверени, баш и не знам, а за тоа колку сме самостојни (со оглед на сите тие кредити кои ги земаме за да даваме плати на администрацијата и исплаќаме пензии, а додуша и купување гласови за избори), а и за тоа колку сме слободни (со оглед на сите политички апсења, контрола врз медиумите и судството), ќе пишувам некој друг пат.

Leave a comment

Општество какво што заслужуваме



Не верувам дека има некој кој навистина е задоволен од тоа какво ни е општеството. Дури и власта реално, посакува промени. И тука имаме еден голем проблем. 

Знаете, општествената свест е нешто во кое имаме удел сите ние. Тоа е некој вид на простор на идеи, принципи, вредности, права, слободи, кои се натпреваруваат, многу од нив и си импонираат едни на други. Стефан Хасел во неговата книга „Бунете се“ вика „должни сме сите да бдееме нашето општество да остане општество со кое ние ќе се гордееме.“ 

Разликата за тоа што го напишал Хасел, во нашиот контекст, стои во тоа дека ние не сакаме вакво општество. Јас не сакам вакво општество. Јас сакам општество во кое сите ќе уживаме исти права, општество во кое сите ќе ги имаме истите можности. Сакам општество во кое наместо да се мразиме едни со други-ќе се сакаме. Сакам општество во кое на никој не му е мило да се чувствува привилегиран, додека гледа другите како страдаат. Не сакам општество во кое за да се вработиш, без разлика што им носиш ЦВ со завршен факултет, неколку школи од фондации и невладини организации, многу обуки, тренинзи, работилници, ќе биде вработен друг кој е далеку помалку квалификуван од тебе, но којшто лепел плакати, одел по митинзи, и има партиска книшка. Не сакам ни општество во кое пензионерите ќе се возат бесплатно во јавниот превоз, во кое можат да скијаат бесплатно, кои инаку се луѓе со примања, а студентите да мораат да плаќаат над илјада денари месечно за да одат на факултет со автобус, за скијање да не зборувам, ако родителите не можат да им дадат пари за тоа. Не сакам општество во кое парцела во центарот на главниот град чини 72 денари по м2, а киријата месечно да кошта колку негде 75% од минималната плата во државата. Не сакам општество како нашево. 

А лесно е да кажеме дека тоа е така оти државата го прави, но општеството не се буни против тоа. Хасел е во право за должноста.  Само што во нашиот контекст, бдеењето мора да се претвори во борба, но не за зачувување на мизерното статус-кво со насока кон влошување, туку за позитивна промена која многу ни е потребна. Е дури тогаш ќе можеме да се чувствуваме горди, ако не од тоа какво ни е општеството, барем за тоа дека се трудиме да стане како што заслужуваме – просперитетно, праведно, слободно.

Leave a comment

Иронично празнично частење

Ех, драги мои, празничен ден денеска. Добар ден за одмор, релаксација, мислење со своја глава наместо со наредби од газди, професори, а посебно (за многумина) партиски господари. 

И се разбира, како празничен ден, не може да поминеме без да бидеме со нешто почастени од нашата Влада која работи 24/7. Имено, Владеачката партија ВМРО ДПМНЕ за празникот на Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) чија цел била слободна и независна Македонија, не‘ почасти со лимитирање на правото за слободно движење и со прекршување на Уставот. 


На протестот организиран од Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски (кој, бај д веј, официјално беше осуден на 4 и пол години затвор за вршење на неговата работа, то ест, за објавување текст, пред неколку години, а неофицијално и затоа што ја истражуваше смртта на Никола Младенов) имаше новинари, медиумски работници, граѓански активисти итн. За жал, јас не успеав да присуствувам. Уште пожалосен пак е фактот дека уште еднаш ни покажа власта дека живееме во една полициска држава.
Протестот требаше да се одржи пред Музејот  на ВМРО. Сега ми стана јасно. ВМРО ДПМНЕ, за празникот на ВМРО, блиску музејот на ВМРО, на Македонски граѓани им го лимитираше правото за слободно движење. Се повторувам, ама иронијата убива. И да, токму тоа и се случи. Власта прати специјалци да не ги пушти протестантите да протестираат пред музејот, што е и противуставно.

Полицијата со огради, туркање, влечкање, ги држеше оние кои застанаа на страната на правдата, да не се доближат на тој музеј. Да биде иронијата уште поголема, наместо обвинителството да реагираше на ова, музејот го направи тоа. Од музејот во реакцијата напишаа "не не користете за дневно-политички цели, држете ги вашите собири пред партиите и другите соодветни институции."

Ова е трагикомично. Многу. 
Но, најтрагичното од сето ова е што граѓаните си молчат, се кријат, гледаат сеир, и најжалното од се’, апсурдно ги оправдуваат постапките на режимот за да се лажат себеси и да избегнат да се соочат со реалноста. Оти тогаш би имале дилема - да реагират (што би било ризично од надворешноста) или да молчат (што би значело газење по човечност, принципи за праведноста...). И тоа боли. А за тие што се свесни за срањава на режимот и што го бранат, да не ни почнувам. 

Само да си кажам, тоа што му се случи на Кежо може да ни се секој на сите од нас, кои се’ уште се држиме до живеење на живот без да се потчинеме на партија. И ако си молчиме и не се солидаризираме кога им се случува на други, во случајов на Кежо, во иднина, сигурно и ќе ни се случи. 

Слобода за Кежо! За невин човечки живот! За сите нас!

Leave a comment

Демохристијански Храм

Уште од кога ги купивме новите автобуси, вклучително и даблдекерите со кои, настрана тоа што викаат дека се дизајнирани од Кинезите специално само за нас, си глумиме Лондон, власта не тупи со апсурдности и се однесува како тоа да е нивна приватна сопственост. Не е.
Прво да објаснам неколку работи. 


ЈСП е јавно претпријатие кое работи со загуба секоја година, и функсионира со помош на субвенции од буџетот на нашата Република, то ест, со наши пари. Преку даноци кои ги плаќаме на државата сите ние, ја финансираме ЈСП, а и преку плаќање на карти, а некои додуша и на казни (тогаш кога контролорите парите не ги задржуваат за себе, се разбира).



Исто така, иако официално стои дека новите автобуси се купени од Владата и Министерството за транспорт и врски, нека ви е јасно дека тоа не е така. Како прво, Владата на Република Македонија не донира ништо, туку си менаџира со парите на граѓаните на Републиката, кои се собрани во буџетот. Владата, то ест, тие што се на власт не извадиле пари директно од нивен џеб за да ги купат автобусите и донираат на ЈСП. Не викам дека автобусите не се нивни оти и тие си плаќаат даноци (кој како, нели). И нивни се, но и наши. Заеднички. Во блогот ВоланСкопје прочитајте повеќе за Владините ‘донации‘. Сепак, они нашите заеднички сопствености ги сметаат само за свои, па си ставија налепници на секој автобус Донација од Владата на Република Македонија па после од големите реакции, меѓу другото и од опозицијата (Нова Македонија) ги тргнаа.

Автобус со налепница "Донација од Владата на Република Македонија"

Но власта не запре тука.  Владеачката партија, то ест, ДПМНЕ, откако само неговите членови и приврзаници ги распореди да ги возат новите автобуси, сега веќе изгледа им има дадено право да си прават што си сакаат со автобусите, оти као демек нивни се. 


Вчера се возев со 50тка да одам на протестот против новиот предлог-закон за абортусот, за кој лажат дека е ист како стариот, и со кој се лимитира правото на жената да абортира. 
И го видов ова –

Кабината на автобус кој вози на релација број 50

Кабината и вратата на автобус кој вози на релација број 50

Јавниот превоз би требало да е за сите, а автобусите се наша сопственост, не персонална на возачите, ниту пак на ДПМНЕ. Додуша, ни на МПЦ или Мајка Богородица. 


Зошто во Македонијам, која е мултинационална, мултирелигиска, и многупартиска држава, кабините на возачите на автобусите од јавниот превоз се полни со свети Богородици, крстови, знамиња, и уште пострашно, логоа на една партија – владеачката? 

Зошто автобусите се претворени во демохристијански храмови? 


Зошто воопшто да има религиски, национални и партиски обележја во автобусите? 


Глумиме религиозност, глумиме патриотизам, (не и партиска припадност и слепо верување во партијата со лавчето, на територија каде никогаш немало лавови)...да глумевме професионалност понекогаш, не би било лошо. Ама можеби јас барам премногу.

1 Comment

Search

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.