Општество какво што заслужуваме



Не верувам дека има некој кој навистина е задоволен од тоа какво ни е општеството. Дури и власта реално, посакува промени. И тука имаме еден голем проблем. 

Знаете, општествената свест е нешто во кое имаме удел сите ние. Тоа е некој вид на простор на идеи, принципи, вредности, права, слободи, кои се натпреваруваат, многу од нив и си импонираат едни на други. Стефан Хасел во неговата книга „Бунете се“ вика „должни сме сите да бдееме нашето општество да остане општество со кое ние ќе се гордееме.“ 

Разликата за тоа што го напишал Хасел, во нашиот контекст, стои во тоа дека ние не сакаме вакво општество. Јас не сакам вакво општество. Јас сакам општество во кое сите ќе уживаме исти права, општество во кое сите ќе ги имаме истите можности. Сакам општество во кое наместо да се мразиме едни со други-ќе се сакаме. Сакам општество во кое на никој не му е мило да се чувствува привилегиран, додека гледа другите како страдаат. Не сакам општество во кое за да се вработиш, без разлика што им носиш ЦВ со завршен факултет, неколку школи од фондации и невладини организации, многу обуки, тренинзи, работилници, ќе биде вработен друг кој е далеку помалку квалификуван од тебе, но којшто лепел плакати, одел по митинзи, и има партиска книшка. Не сакам ни општество во кое пензионерите ќе се возат бесплатно во јавниот превоз, во кое можат да скијаат бесплатно, кои инаку се луѓе со примања, а студентите да мораат да плаќаат над илјада денари месечно за да одат на факултет со автобус, за скијање да не зборувам, ако родителите не можат да им дадат пари за тоа. Не сакам општество во кое парцела во центарот на главниот град чини 72 денари по м2, а киријата месечно да кошта колку негде 75% од минималната плата во државата. Не сакам општество како нашево. 

А лесно е да кажеме дека тоа е така оти државата го прави, но општеството не се буни против тоа. Хасел е во право за должноста.  Само што во нашиот контекст, бдеењето мора да се претвори во борба, но не за зачувување на мизерното статус-кво со насока кон влошување, туку за позитивна промена која многу ни е потребна. Е дури тогаш ќе можеме да се чувствуваме горди, ако не од тоа какво ни е општеството, барем за тоа дека се трудиме да стане како што заслужуваме – просперитетно, праведно, слободно.

Bookmark the permalink. RSS feed for this post.

Leave a Reply

Search

Swedish Greys - a WordPress theme from Nordic Themepark. Converted by LiteThemes.com.